Студенти на ЕТФ во посета на „Кончар“ – Загреб

Студентите од трета и четврта година на Електротехнички факултет, во склоп на реализацијата на практичната настава, во периодот од 20 до 23 aприл ја посетија компанијата „Кончар“ во Загреб. Станува збор за компанија основана во далечната 1921 година со високо реноме и речиси 100-годишна традиција. Основна дејност на компанијата е производство на опрема и постројки за производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија, како и инженерски услови по принцип „клуч на рака“ од областа на електроенергетиката. При оваа дводневна посета студентите беа предводени од професорите д-р Влатко Чингоски и д-р Сашо Гелев и асистентите м-р Билјана Читкушева-Димитровска и м-р Маја Кукушева-Панева.

Во првиот ден од посетата студентите имаа можност да се запознаат со основните податоци за компанијата „Кончар“, како и да го проследат процесот на производство на генератори и мотори. Потоа студентите беа во посета на нивниот Институт за електротехника, како и погоните за индустриска електроника и информатика (ИНЕМ).

Во вториот ден од посетата студентите се запознаа со производството на сите видови трансформатори, мерни, енергетски, дистрибутивни и специјални како и со погoните за производство и ремонт на електрични возила – производство и одржување на електрични локомотиви, трамваи и возови. За студентите на Електротехнички факултет посетата е од извонредно значење:

Посетата на фабриката „Кончар“ во Загреб беше големо искуство за сите нас. Беспрекорната организација и гостопримливоста на домаќините ги надминаа нашите очекувања. Бевме воодушевени од нивната работа, односно од целиот редослед на постапки за добивање на готов производ, како што се проектирањето, изработката, монтирањето и инсталацијата. Се запознавме со диспечерскиот центар преку кој ја контролираат ветерната централа, ја посетивме фабриката за генератори и мотори, како и за трансформатори. Имавме можност да ги видиме светски признатите лаборатории и да се запознаеме со нивниот стручен кадар. Оваа посета ни овозможи одблизу и во реални услови да ги видиме работите што до сега сме ги гледале само на лист хартија – изјави Ивона Петровиќ, студентка во трета година.

Патувањето во Хрватска и посетата на фабриките на компанијата „Кончар“ беше од големо значење за нас студентите од Електротехнички факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип. Таму се запознавме со работата на погоните на „Кончар“, а исто така се запознавме и со целиот производствен асортиман на оваа реномирана европска компанија. Низ секој погон имавме претставник кој ни го опишуваше во целост производството во погонот и ни одговараше на сите наши прашања. Престојот беше едно големо искуство за нас студентите, а исто така и за професорите и асистентите. Се надаваме дека оваа соработка помеѓу нашиот факултет и компанијата „Кончар“, како и пријателските односи меѓу студентите од Македонија и од Хрватска ќе продолжи и во наредните години и ќе се претвори во убава и корисна традиција – вели Борче Алексов, студент во трета година на ЕТФ – Радовиш.

Напишете коментар