Трибина за обновливи извори на енергија

Обновливите извори на енергија беа тема на трибината која на Кампус 2 на УГД се одржа во организација на Советот на млади на Општина Штип.

На трибината свое излагање имаше проф. д-р Влатко Чинговски од Електротехнички факултет при УГД, кој изрази задоволство што воопшто е иницирано едно вакво предавање за популаризацијата на искористувањето на обновливите извори на  енергија.

Свесни сме дека денес сѐ повеќе се говори за обновливите извори, во моментов во Париз се одржува Конференција за климатските промени и сѐ повеќе горењето на фосилните горива се смета за штетно како за луѓето, така и за целата планета. Во тој контекст обновливите извори постепено го заземаат своето место што им припаѓа како одржлив економски и енергетски развој на државата. Ние од ЕТФ со задоволство ја прифативме поканата за ваква трибина и јас одржувам предавања на тема „Обновливи извори на енергија и можности за нивно вклопување во електроенергетскиот систем на Р.Македонија“. На факултетот имаме и посебна насока – Обновливи енергетски извори и можам да кажам дека во текот на студиите студентите значително време посветуваат на можностите и начините на искористување на обновливите енергетски извори. Сметам дека и во иднина обновливите извори сѐ повеќе ќе заземаат место и дека има простор, особено во источниот дел на РМ каде што се наоѓа УГД за искористеност, пред сѐ на ветерната, сончевата и енергијата на биомаса и геотермалните енергии. Ние како професори може да го поттикнеме интересот и знаењата кај студентите во овој поглед, а државата преку своите инструменти, преку Регулаторната комисија, дефинирање на специјални повластени тарифи, преку загарантираниот откуп на таа енергија, исто така, зазема значителен дел во промоцијата и зголемување на можностите за вклопување на овие обновливи извори во енергетскиот систем на РМ и пошироко. Наша цел е студентите да ги запознаеме и да ги воведеме во оваа терминологија сами да увидат кое е големото значење на обновливите извори и да го поттикнеме нивниот истражувачки дух во таа насока, со цел за време на студиите, а особено по нив, повеќе време да посветат и да се вклучат во оваа област – изјави Чинговски

Напишете коментар