Компанијата „Дрекселмајер“ ја засилува соработката со УГД и со студентите

Проф. д-р Јерг Елзенбах, директор на компанијата „Дрекселмајер“, денеска одржа предавање пред студентите на Електротехнички факултет при УГД и практично заедно работеа на решавање на реални проблеми. Професорот Елзенбах истакна дека студентите имаат одлично теоретско познавање, но за во производствените капацитет им се потребни способности за решавање на проблемите кои се стекнуваат со практични вежби. Елзенбах вели преку овие предавања ќе се обучуваат студентите оперативно да ги применат знаењата кои ги имаат.

 Денеска ќе направиме американски тип на предавање каде што ќе имаме примери на неефикасно работење и самите студенти ќе имаат задача да ги осознаат начините како да ги подобрат работите или како да ги решат проблемите. Тоа што ќе го осознаат да бидат во можност да го применат во пракса. Најбитно е после студиите да добијат веднаш работно место. Сакаме искрено да посочиме дека во „Дрекселмајер“ студентите ќе добијат работа, но сакаме и да бидат подготвени за резултати. Со вашите студенти досега имаме одлично искуство и тие се многу љубопитни и критични – истакна професорот Елзенбах.

Директорот на компанијата  „Дрекселмајер“ е почесен професор на УГД, а оваа компанија има одлична соработка со Универзитетот преку доделување на стипендии и можности за пракса. Деканката на Електротехнички факултет при УГД истакна дека овој вид на предавања се многу корисни за студентите и дека денес директорот на „Дрекселмајер“ на студентите им ги презентирал најновите истражувања во областа.

Директорот Елзенбах ќе зборува пред студентите за различни методологии за контрола на квалитетот. Тоа е еден од трендовите коишто во моментот премногу се истражуваат во научната фела и се многу интересни од аспект на апликацијата во практиката. Тоа е микс од знаење од математика, статистика, теорија на ризик, теорија на одлучување и инженерските дисциплини. Студентите ќе имаат одлична можност да знаат на што треба да обратат внимание кога ќе влезат во компании како „Дрекселмајер“. Тука имаме и студенти кои се на втор циклус, а има и бивши студенти кои веќе работат во компанијата „Дрекселмајер“, што ми е особено задоволство – истакна деканката на Електротехнички факултет, проф. д-р Татјана Атанасова-Пачемска.

Предавањето денес се одржа во свечениот амфитеатар на Кампус 2, а покрај студенти од Електротехничкиот факултет беа присутни и студенти од Факултетот за информатика и професори и асистенти од УГД.

Напишете коментар