Енергетски доживувања

Гитаристот – овде, официјалниот видеозаписничар – овде, професорите – овде, сите останати на списокот – овде. Ентузијастички тргнавме на едукативната „екскурзија” за која неуморно прашувавме во текот на овие три години и еве се случи. Навистина се случи. Маршрутата ни беше претходно подготвена и имавме некоја имагинација за неа, каде ќе одиме и што треба да видиме, но овој пат in vivo. Иманентни информации, објаснувања, можност за многу прашања одговорени од вистинските стручни лица. Ќе добиеме една луцидна слика за нашата идна професија и за она што сме го учеле во текот на досегашниве студии. Она што ни било апстрактно или сме го виделе парцијално, сме замислувале како функционира, еве ја можноста да го осознаеме.

Први на листата беа ветерниците во Богданци. Како се наближувавме веќе ги гледавме на хоризонтот. Некако сите како да тргнавме за нив. Со таква радост се доближувавме до прозорците и навидум секоја секунда ни беше вечност дури не слеговме на високата топографија каде што беа поставени овие „убавици”. Уметност … Јас не познавам друг збор за да ја опишам сликата. Временските услови непогодни, дожд, ветар… а ние ненаситни од глетката. Претворени во уши го слушаме вработениот млад и амбициозен инженер и професорот како се надополнуваат кој повеќе да ни дообјасни. Прекратко ни беше времето таму. Всушност, колку и да останевме ќе ни беше малку, верувајте. Но, нѐ очекуваа во Ваташа на малата ХЕ Бошава 5 и во Кавадарци на ХЕ Тиквеш, голема хидроелектрана. Се запознавме и со тој начин и процес на производство на електрична енергија со обновливи извори. Се упативме кон Хотелот „Молика” каде што требаше да преноќиме. Не осетивме дека сме огладнети. Брзо завршивме со вечерата и раководството на хотелот ни отстапи просторија со прекрасна глетка на поткровјето. Нормално овде сме и за забава и дружење. Оскудна трпеза, кој што понел и што му останало во ранецот, но од лицата можеше да ни се види она „priceless“ чувство. Присутни беа и нашите водичи, организатори, тутори… Па тоа се прекрасни професори, големи луѓе, кои знаат да се вклопат на вистински начин во наше друштво надвор од наставата, да ја земат гитарата в раце, да испеат по некоја песна и да се смеат со нас… и нормално, да одбележат фајронт на забавата во вистинско време бидејќи ни следеше уште еден напорен ден.

Мораме да се префрлиме во „тенкот”, со автобусот е невозможно да стигнеме до местото каде што се ископува јагленот – извести професорот. Сите зачудени и скептично влеговме во новото теренско превозно средство. Навидум интересно, но некако падна еуфоријата. Во ред, видовме на кој принцип и како се ископува јагленот, се упатуваме кон главното место, термоелектраната. Веќе е подруго… Разновидни машини, генератори, котел, сепарација, погон, канцеларии… Инженерот нѐ водеше низ цел објект и зборуваше ли зборуваше, буквално трчавме по него за да го следиме, не се уморуваше, објаснуваше, повторуваше, гласно размислуваше…и пак ни беше малку време, премалку. Уште сакавме да слушаме за цел процес, за целото знаење и информации што ги има од неговото долгодишно работно искуство. Дури како разочарани си отидовме што ни беа избројани минутите и моравме да се вратиме во автобусот.

“On the next stop” хидроелектрана Глобочица – Струга, па ХЕ Вруток – Маврово. Најголема во Македонија, вистинско чудо од хидроцентрала која во денешно време не би се направила, правена е во кризно време, одма по Втората светска војна. Се сметало дека е од стратешко значење и  се наоѓа околу 250 метри под земја, во неа се влегува низ огромен тунел во кој има шини и можат да влегуваат и камиони, од деривационен тип на хидроцентрали е, а водата има пад од скоро 550 метри, Тито сечел лента… Влегуваме во една просторија, добро чувана, обајснуваат инженерите и професорот дополнува: „Овде се наоѓа опремата за црното сценарио!”. Што е пак сега тоа?!  Ме асоцираше на црвеното копче на Путин… еден чекор назад, уште еден, внимавајќи да не го допрам тоа „црно копче” кое и да е, а многу беа, наоѓам слободен простор, нема ништо до мене и чекам да слушнам што со него… Тоа е опремата која се користи при енергетски колапс во државата, од овде почнува тој возбуден напон за да се врати електричната енергија во нашите домови. Значи, ова е она доброто, супер.

И толку… Секое чудо за три дена, нашето уште понефер – за два. Но не е ова незадоволство, ова е благодарност и настан од типот „сакаме уште’’. Имаме супер подговени предавања од уште посупер професори на ЕТФ кои знаат да ти задржат внимание, подготвени да те научат, сакаат да те научат, но сето она дружење, движење во група внимавајќи некој да не се одвои, дури слушаш за електраната кај што си, несвесно внимаваш некој од колегите да не се повреди, некој е понизок и е многу назад не може да слуша, па го протнуваш пред тебе, друг е превисок за да стои на сликата напред и го буткаш позади, делите храна несебично, колегите ти се другари, професорите повозрасни почитувани пријатели, шоферот диџеј, инженерите посакувани идни колеги… Вреди да студираш ЕТФ!

Ивана Горгиева, редовен студент на ЕТФ

III година, Системи за автоматско управување