Во периодот од 5 до 7 октомври 2025 година во Охрид се одржа 13. по ред Меѓународно советување МАКО-СИГРЕ – 2025, под покровителство на Комитетот на Северна Македонија во СИГРЕ, кој претставува Национален комитет за големи електроенергетски системи и мрежи.
На ова реномирано биенално советување, најголемо од ваков вид во нашата земја, беа презентирани преку 130 стручни и научни трудови од сите области на електротехниката. Трудовите класифицирани во 16 подобласти организирани според предметот на истражување, покривајќи ја речиси целосно електротехничката индустрија, од вртливи електрични машини, трансформатори и останата високонапонска опрема, кабли и надземни водови, па сѐ до развој на електроенергетскиот систем, негово функционирање и управување, како и современи теми од областа на пазари на електрична енергија, регулатива, дисперзирано производство, информациони системи, телекомуникации и заштита на животната средина од енергетското влијание.
На ова советување учествуваше и Електротехнички факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип преку презентација на оригинален стручен труд под наслов „Далечинско следење на параметрите и потрошувачката на електрична енергија кај дигиталните броила со користење на RF мрежа и Интернет“ од авторите проф. д-р Гоце Стефанов и проф. д-р Влатко Чингоски.
Презентацијата наиде на голем интерес, особено кај претставниците на дистрибутивните компании и снабдувачите со електрична енергија. Основа цел и намена на трудот беше да се прикаже иновативен пристап за далечинско следењето на параметрите и мерење на потрошувачката на електрична енергија без човечко присуство. Со користење на овој електронски систем базиран на употреба на паметни енергетски броила, RF (радиофреквентна) мрежа и Интернет, овозможено е далечинско отчитување на потрошената електрична енергија, со што целосно се елиминира можноста за манипулација со броилата, се постигнува брзо, ефикасно и точно мерење на потрошената електрична енергија, намалување на работната сила и физичката активност за навремено отчитување на броилата и се отвора можност за анализа на потрошувачката на енергија по корисници и кориснички групи.
Основна придобивка на системот е неговата флексибилност, односно само со додавање на телекомуникацискиот модул и без замена на постојните паметни броила со нови броила кои можат, исто така, далечински да се контролираат, но се исклучително скапи, може да се реализираат истите придобивки. Дополнително, предложениот мерен и комуникациски систем е универзален и може да се користи и за други индустриски процеси, каде што е потребно далечинско следење на параметри од индустрискиот процес, како на пример температура, влажност, ниво на загадување (PPM2,5 и PPM10 честички, CO2 и сл.).
Од посебно значење е помеѓу предавачите на ова Советување имаше многу млад инженерски кадар со свои стручни трудови. Помеѓу нив учество со свои трудови имаа и неколку дипломирани студенти од Електротехничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип кои сега како млади инженери во домашните електроенергетски компании успешно го имплементираат своето стекнато знаење и веќе се забележани како квалитетен кадар. Од Електротехничкиот факултет истакнуваат дека очекуваат дека и понатаму студентите активно ќе учествуваат на ова и на слични вакви советувања во земјава и во странство и на тој начин ќе се промовираат себеси како перспективен инженерски кадар и воедно ќе ги промовираат Електротехничкиот факултет и Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Основна шема на предложениот електронски систем за далечинско следење на процесни податоци и мерења
