Студентите од втора и трета година на Електротехнички факултет при УГД под менторство на проф. д-р Влатко Чинговски и проф. д-р Сашо Гелев во периодот од 16-18 мај ги посетија следниве локации:
• Ветерен парк „Богданци“
Парк на ветерни електрани „Богданци“ (ПВЕ „Богданци“), познат и како Ветропарк „Богданци“) -ветропаркот крај градот Богданци е започнат со градба во мај 2013 година и бил завршен за помалку од една година, во февруари 2014 година. Студентите одблизу се запознаа со составните делови на ветерниците кои се 16 на број и со нивното поврзување со електропреносната мрежа дискутираа и за планираната втора фаза на проектот кој предвидува уште шест ветерници со инсталирана моќност од 50 мегавати.
• Хидроелектрана „Тиквеш“
Која е лоцирана на Црна Река, во близина на Кавадарци. Овој хидросистем е со двојна намена, се користи за производство на електрична енергија и за наводнување на Тиквешко Поле, еден од најтоплите и најсушните региони во Македонија. Студентите се запознаа со начинот на работа на хидроелектраната „Тиквеш“, која е проектирана и изведена со инсталирана моќност од 113 MW и годишно производство од 144 GWh. Студентите заедно со своите ментори ја посетија машинската зграда која се наоѓа во подножјето на браната каде што се сместени 4 агрегати опремени со турбини со вертикална оска, како и со трифазни синхрони генератори. Дискутираа за нивната градба и примена во пракса. По пат за Битола, во близина на Прилеп, посетија една соларна електрана со инсталирана моќност од е 1MW.
• РЕК „Битола“
Рударско-енергетскиот комбинат „Битола“ или скратено РЕК „Битола“ е најголемата подружница во составот на АД Електрани на Македонија. На студентите им беше презентирана основната дејност, односно производството на електрична енергија и јаглен и двете производствени единици: ПЕ „Рудници“ (Суводол и Брод Гнеотино) и ПЕ „Термоелектрана“.
• Хидроелектрана „Глобочица“
Браната е на околу 22 km северно од Струга. Вработените вниманието на студентите го насочија кон акумулацијата за неделно израмнување на водите, со посебно внимание на доводот на водата до турбините со помош на тунел долг 7.721 m. Студентите беа запознаени со двата еднакви агрегати со вкупна инсталирана моќност 42 MW.
• Хидроелектрична централа „Вруток“
Дел од хидроелектросистемот ХЕЦ „Маврово“, со вкупен капацитет од 150 MW. Дискусијата на студентите заедно со вработените беше за извршената модернизација на сите четири агрегати и на придружната опрема во 2014 г. и придобивките од истата, односно за зголемувањето на моќноста на електроцентралата за дополнителни 18,3 мегавати. Студентите беа запознаени и со трагедијата при изградбата на овој хидроенергетски систем, во која, за жал, животот го загубиле 52 лица.
• „МЕПСО“
МЕПСО или Македонски електропреносен систем-оператор е трговско друштво што делува како оператор на електропреносниот систем во Република Македонија. Студентите се запознаа со функцијата на операторот на електропреносен систем кој е во структурата на МЕПСО, чијашто основна функција и обврска е оперативно управување со електропреносниот систем на Република Македонија, ефикасна комуникација и размена на податоци помеѓу НДЦ (Национален диспечерски центар) и електроенергетските постројки.
Студентите се вратија со големо искуство и збогатено знаење, што е предизвик за идните студенти да ги посетат горенаведените локации.