Студентите од трета и од четврта година на Електротехнички факултет при Универзитет „Гоце Делчев’’ – Штип, под менторство на проф. д-р Влатко Чинговски и проф. д-р Татјана Атанасова-Пачемска, во рамките на теренската настава ја посетија ХЕЦ „Матка“.
Во триесеттите години на минатиот век, на излезот од кањонот Матка е изградено вештачко езеро на реката Треска за производство на електрична енергија. Градбата започнала во 1935 година, а веќе во 1938 година започнала со работа и хидроцентралата со инсталиран капацитет од 4,2 MW. Во 2008 година по реконструкција на доводниот тунел е изградена нова хидроцентрала со двојно зголемена моќност од 9.6 MW и зголемен праг на ефикасноста за 90% со проток од 42 метри кубни во секунда, со што се овозможува целосно искористување на водата и годишно производство на електрична енергија од 30 GWh. Со пуштањето во работа на новата хидроцентрала старата машинска зграда се пренаменува во изложбен центар кој подоцна се користи за теренски посети на учениците и студентите ширум Македонија.
Водени од стручно лице, студентите најпрво го посетија изложбениот центар на ХЕЦ „Матка“ каде што се запознаа со интересни експериментални вежби од вработените во ХЕЦ „Матка“. Увидоа на кој начин се произведува електрична енергија со помош на соларни панели, со помош на ветерница. На студентите им беше презентирана основната дејност, односно работата на водените турбини и генератори за производство на електрична енергија, контролната соба за контролирање на работата на турбините која претставува реликвија во енергетскиот систем ширум светот. Исто така им беше презентирана макета за тоа како електричната енергија од производителите се дистрибуира до објектите и до нашите домови. Во 2008 година е направена реконструкција и е изградена нова хидроцентрала. Со изградба на новата машинска зграда, во непосредна близина, старата машинска зграда престанала со функција, по што во 2016 година е пренаменета во едукативно-изложбен центар.
Во новата машинска зграда студентите се запознаа со новите агрегати опремени со две каплан турбини со вертикална оска кои придвижуваат два синхрони генератори со инсталирана моќност од 4,9 MW, каде што дискутираа за нивната градба и примена во пракса. Преку 35 kV разводна постројка енергијата се пласира на два изводи, кон Скопје и кон Козјак. Исто така за пречистување на отпадните води кои се создаваат во хидроцентралата пред да се испуштат во реката Треска постои и пречистителна станица лоцирана во дворот на ХЕЦ „Матка“.
Теренската посета заврши со посета на акумулацијата, каде што се дискутираше околу изградбата на вештачката брана, капацитетот на акумулацијата и доводните тунели преку кои водата стигнува до турбините.
Студентите се вратија збогатени со уште едно големо искуство и знаење, кое наоѓа широка примена во нивниот иден професионален развој и претставува поттик на идните генерации за посета на оваа локација.