Електротехничкиот факултет и Технолошко-техничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ денес ја организираа првата Недела за математичко моделирање на овие простори.
Станува збор за настан на кој студенти по математика од втор и трет циклус студии преку математички модели се обидуваат да решат реални индустриски проблеми. На настанот присуствуваа професори и студенти од многу земји од Европа.
- Ќе се обидеме оваа недела да работиме со студентите на индустриска математика. Овие студенти по математика ќе се обидат да работат на решенија за индустриски проблеми. Мислам дека на вакви настани можат да се најдат дел од решенијата, а и студените ќе можат да ги покажат вештините што ги имаат. Студентите и јавноста ќе се запознаат со примената на математиката. Во Европа, на пример, има огромен интерес за индустриската математика во последните неколку години - изјави Пол Њорк, директорот на „COST Action Mathematics for Industry Network“ од Копенхаген, Данска, кој денес имаше своја презентација на Неделата на математичко моделирање.
Деканката на Електротехничкиот факултет при УГД истакна дека преку ваквите настани се доближува математиката до студентите и до јавноста, а воедно студентите стекнуваат поголеми вештини кои се применливи во индустријата.
- Ние направивме големи напори во популаризацијата на математиката во инженерството. Треба да создадеме генерации кои се компатибилни на европскиот и на светскиот пазар на труд. Мораме да водиме сметка за математичко образование. Овој проект ќе помогне за промоција на нашата држава на европско ниво и исто така ќе им ги приближи на нашите студенти можностите за престој на вакви слични активности во Европа. Се надевам дека ова ќе придонесе за подигање на квалитетот на високото образование - изјави деканката на Електротехничкиот факултет при УГД, проф. д-р Татјана Атанасова-Пачемска.
Поддршка за овој проект дадоа и другите технички факултети при Универзитетот. Деканката на Технолошко-техничкиот факултет истакна дека овие настани покажуваат колку е важна математиката и од овие настани можат да произлезат решенија за реалната индустрија.
- Со цел денешна недела да биде успешна и да се покаже дека без математика е невозможно да се реши индустриски проблем, ние дадовме целосна поддршка. Во соработка со Институтот за композити и роботика ние ги презентираме реалните индустриски проблеми и како со помош на математички моделирања можат да се подобрат процесите и да се надминат овие проблеми. Проблемот што го претстави нашиот факултет привлече големо внимание и се пријавија учесници од многу европски држави да работат на решение на нивни решенија - изјави проф. д-р Винета Сребренковска, деканка на Технолошко-техничкиот факултет.
Во рамките на Неделата на моделирање се вклучија и професори од УКИМ, кои исто така заедно со своите студенти работат на математичко моделирање и ги претставуваат своите модели преку кои се изнаоѓаат решенија.
- Како професор по математика на УКИМ можам да кажам дека потребата од математика во индустријата е многу голема. Можам да кажам дека вакви настани, најблаго кажано, ја кристализираат потребата од математиката во техничките науки - изјави Бети Андоновиќ од Технолошко-металуршки факултет при УКИМ.
Настанот се одржува оваа недела и на него се присутни студенти од многу европски држави кои во наредните пет дена ќе се обидат да најдат математички решенија за реални индустриски проблеми. Настанот се одржува во Кампус 2 на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.